Опис

Дојран - Бисерот на Македонија

На Дојранското езеро од македонска страна има три туристички населби: Стар Дојран, Нов Дојран и Николиќ, од кои најпопуларна за туристите и туристички најразвиена е Стар Дојран.

Историја на Дојран и Дојранското езеро

Првите пишани податоци за Дојран датираат од 484 година п.н.е. Во тој период во езерото имало наколни живеалишта во кои живееле Пеонци и до кои се доаѓало само со чунови.

Дојран во минатото три пати го менувал името и два пати местоположбата. Во антиката кога владееле македонските кралеви, Дојран се викал Тауријан. Второто име на градот бил Полин, но кога бил сменет од Тауријан во Полин, нема точни податоци, но се верува дека тоа било при менување на местоположбата на градот од север на југ. Од Полин, турците го преименувале градот во Дојран.

Дојранското езеро е остаток од дел од плеистоценското Пеонското езеро кое постоело во минатото и исчезнало во време на неогенот. Тоа езеро зафаќало површина од 127км².

Градот во минатото бил многу пати разрушуван и пален. Во времето на Султанот Мурат I во 1371 година градот бил завземен и бил под турска власт.

Жестоки борби во близина на градот Дојран се воделе помеѓу англиските и бугарските војски во 1915 година.

,,Дојранската епопеја" се неколку битки во Дојран, во кои дел од тие битки војувале и македонците против српската, грчката, француската и англиската војска.

Во 1918 година градот бил разрушен до темел, а населението било евакуирано во соседните градови.

Ослободувањето на Дојран било на 5 ноември 1944 година.

Знаменитости и активности во Дојран

Во 2011 година во Дојран е основан познатиот Д-Фестивал. Тоа е музички фестивал под отворено небо на кои досега гостувале многу странски и домашни музички изведувачи. Од 2021 година за прв пат е основан музичкиот фестивал под отворено небо ,,Мандра" (дел од попознатите гости беа Адил, Жељко Самарџиќ, Раста и Петар Грашо) кој трае два дена.

Во Дојран има две цркви, главната Св. Илија при влезот на Стар Дојран од десна страна и Св. Марија Магдалена во склоп на манастирскиот комплекс Партениј Зографски, која се наоѓа по улицата над хотел Македонија.

Црквата Св. Илија потекнува од 1848 година и нејзин градител е Ѓорѓи Новаков - Џонгар. Црквата е изградена со доброволни прилози од дојранските верници. Таа настрадува со бомбардирањето во Првата Светска војна, при што голем дел од архитектурата на црквата е уништена. Кровот и ентериерот на црквата се уништени, додека камбаната и надворешните ѕидови го преживуваат бомбардирањето. Од 2008 година внатрешноста и кровната конструкција на црквата почнуваат да се реконструираат. Покровител на реконструкцијата е МПЦ.

Еден од најважните културно-историски споменици на општина Дојран е ,,Саат- кулата” во Стар Дојран. Се наоѓа на повисокиот дел (ридот) во Дојран, каде што некогаш се наоѓала Турската чаршија.

Точната година кога е изградена кулата не се знае, но по народните кажувања била изградена во 14 век, во првите години по освојувањето на градот од страна на Турците во 1371 година.

Кулата била висока околу 10 метри и со својата височина доминирала во околината. На врвот од кулата саатот бил доста голем и отчукувал од 1 до 12 пати, односно толку колку што е времето.

Саатот на кулата бил поставен од народот, кој ги известувал сите граѓани за времето.

За време на Првата светска војна, Саат-кулата и камбанаријата биле срушени.

Турската бања/Градскиот амам се наоѓа во горниот дел во Стар Дојран, во близина на хотел Македонија, позади бившиот хотел Јака. Точно кога е направена не се знае, а работела до 1916 година кога е и разрушена. Делови од бањата биле наменети за мажите, а делови за жените. Во бањите се одржувале посебни церемонии за невестите и тие оделе на посебно моминско бањање. Водата до бањата била носена преку ќерамидни цевки од месноста Дере-Баш. Водата се загревала со ќумур во казан и тоа во посебна просторија каде од таму течела во чешмите од кои се миеле граѓаните.

Секој кој бил во Дојран ги видел јаворите на плоштадот и сигурно се запрашал, колку се тие стари.

Според некои кажувања, овие дрвја се стари околу 500 години, а според други околу 200/300 години.

Во Дојран можете да го посетите Езерскиот музеј, со колекција од растителниот и животинскиот свет од Дојранското Езеро.

Плажите во Дојран

Во Дојран има неколку плажи. Најпознатите се плажата Фук Так, централната плажа под плоштадот и новата плажа Стејџ (Stage beach). На 300/400 метри од плажата Фук Так кон граничниот премин, има убава песочна плажа без лежалки и бар, со чиста и плитка вода. Плажи во Дојран но и во негова близина има многу, но само треба да знаете да ги најдете и да ви се погоди вкусот на плажата, бидејќи има за сечиј вкус и различни типови на плажи. Две лежалки со чадор се 120 денари со вклучено кафе во цената.

Лековитите својства на езерото

Дојранското езеро е надалеку познато по своите лековити својства од алгите. Се верува дека Дојранското езеро е единственото лековито езеро со алги во светот.

Најдобар период во годината за да го посетите Дојран е од крајот на август до средината на септември. На крајот од август алгата цвета и испушта лековит јод. Потоа на крајбрежјето настанува бела пена од цветот на алгите и после тоа водата станува зелена. Во овој период се препорачува да се прошета покрај крајбрежјето, да се вдиши од миризбата, но и да се влезе во вода, токму кога водата е зелена од алгите. Лековитите алги лекуваат воспаление на синуси, кожни болести, незараснати рани, болки во зглобовите, имунитет, астма и тн. Порано посетителите во Дојран се мачкаа по целото тело со лековитата дојранска кал во истиот период кога се појавуваа и алгите, но за жал, со изградбата на шеталиштето низ целото крајбрежје на Стар Дојран, калта исчезнува.

Се верува дека калта од Дојранското езеро е многу поквалитетна од таа во Црното море, која ја користат во терапевтски третмани.

Калта од езерото е богата со минерали, кои помагаат за лекување на реума, проблеми со долните екстремитети, ишијас...

Многу медицински лица како постоперативна рехабилитација го препорачуваат Дојранското езеро поради неговите лековити алги.

Се верувало дека после секоја битка, Александар Македонски својата војска ја носел токму на Дојранското езеро за да им ги излечи раните од борбите.

Дојранска кал може сеуште да се најде, но во селото Николиќ.

Полнење на езерото со вода

Дојранското езеро се полни преку хидроелектраната Ѓавато, која ја пренесува водата во цевки од 19.7 км и околу 200 литри вода во секунда до електраната Топлец во Нов Дојран (во улицата спроти салата Истатов, која е веднаш до хотелот) и преку неа водата директно влегува во Дојранското езеро.

Електраната е изградена во 2002 година и во тој момент беа пуштени 1.000 литри вода во секунда.

По двата силни земјотреси (два на кратко временско растојание) во Валандово на 2 јуни 2009 година со јачина од 4-5 степени, изворот во Дојранското езеро во близина на кампот Партизан исчезнува. Извор од македонска страна на езерото од тогаш не е забележан, па се верува дека се отворил нов подземен извор од грчка страна.

Со повлекувањето на водата, Дојранското езеро има изгубено половина од водата и 50% од флората и фауната. Доколку езерото не беше наполнето со вода, алгите ќе почнеа да лачат отрови и со тоа езерото ќе го снемаше целосно.

Како да пристигнете во Дојран

За да пристигнете до Дојран постојат неколку алтернативи. Доколку патувате од Скопје по автопатот Пријателство (бивши автопат Е75) до Дојран можете да стигнете по новиот автопат Демир Капија-Смоквица или по стариот Демир Капија-Валандово (покрај клисурата). Доколку одберете по новиот автопат, се исклучувате кај Смоквица и продолжувате за Марвинци-Валандово-Дојран.

Новата патарина во близина на Демир Капија (80мкд од автомобил) можете да ја избегнете ако возите од Скопје кон Дојран и се исклучите за Неготино. На раскрсницата се врти лево и на таблата продолжувате десно за Гевгелија. Се вклучувате повторно на автопат после Демир Капија.

Патарината во близина на Гевгелија (100мкд за автомобил) можете да ја избегнете со тоа што се исклучувате кај Смоквица/Марвинци десно и после надвозникот продолжувате на второто десно кон Прдејци. Од Прдејци возите по ознаката за Гевгелија и се вклучувате повторно по автопатот.

Општо за Дојран и Дојранското езеро

Длабочимата на езерото достигнува до 12 метри, а најдлабоко е во близина на селото Николиќ.

Езерото се наоѓа на 150 метри надморска висина.

Кога е многу топло нивото на водата се смалува до 40 см.

Ова е едно од најтоплите езера во Македонија, а сезоната за бањање може да трае и до 5 месеци.

Во минатото во Дојран, според некои кажувања на дојранчани, долж брегот во водата имало изградено кафеани од кои луѓето ловеле риба.

Езерото истекува само од грчка страна од реката Ѓолаја.

Првиот донор на срце во Македонија е од Дојран

Вo знак на хуманоста и човечноста на семејството на Емилија Динева, првиот донор на срце и органи во Македонија на 26.08.2021 во Градскиот парк во Стар Дојран беше поставена спомен скулптурата „Срце за вечноста”.

Флора и фауна

Во Дојранското езеро има околу 14-15 видови на риба. Дел од без'рбетниците и некои видови на птици се наоѓаат на листата на CORINE.

Дојранското езеро е едно од најбогатите езера со риба во Европа.

Во Дојранското езеро во текот на летото можете да ги забележите нутриите, кои живеат и се хранат во близина на трските. Станува збор за глодари кои не беа присутни во езерото пред 3-4 години, па се верува дека се доселени од Грција. Потекнуваат од Јужна Америка, но луѓето го пренеле и на другите континети како Европа, Северна Америка, Азија и Африка, поради крзното. Во Дојран можете често да го забележите во приквечеријата ило рано наутро.

Од ноември до март на Дојранското езеро престојуваат пеликаните, поради топлата вода и изобилството на храна. Тие се единствени од својот вид и се едни од најголемите.

Традиционален начин на ловење риба

Оваа рибарска традиција на ловење риба за жал веќе е изумрена и долги години не се применува.

Била едно од ретките земји во светот каде што се ловела риба по ваков начин. Ловењето со помош на кормораните траело од октомври до март.

Се ловеле во мандра (ловишта), кои биле поставени во езерото. Мандрите биле заградени од трите страни со трска, а делот кон езерото не бил затворен. Од октомври кога кормораните доаѓаат на езерото, барајќи храна во езерото, ја бркаат рибата да дојде до мандрата. Кога рибарите ќе видат дека во мандрата има доволно риба, го затвораат и четвртиот дел, а потоа ја вадат рибата.

На 21.04.2011 година поради природните убавини, хидролошките, хидробиолошките, геоморфолошките, пределските и други научни вредности, посебно вредностите на живиот свет во езерото, (македонскиот дел) езерото е прогласено за споменик на природата.

Легенда за Дојран

Кога турците навлегувале во Македонија во 1371/72 година, стигнале и до градот Тауријан. Било зима и многу ладно. Дошле од источната страна, а тогаш езерото било целосно замрзнато и покриено со снег.

Војската без да знае го поминала заледеното езеро и стигнала до градот Тауријан. Кога веќе пристигнале, градските првенци ги прашале како дошле до градот, по што некој турски војсководец им рекол дека пристигнале од полето.

Тогаш градските првенци му кажале дека тоа не е поле, туки замрзнато езеро.

Кога слушнал за тоа војсководецот, по тој повод наредил да се направи ,,дојрумаќ", што во превод значело голема гозба. Се смета дека од тој збор, подоцна настанало името Дојран.

Во градот Полин имало една многу убава девојка што се викала Дојрана. Била висока црноока, со витка става. Дојрана со своите другарки секоја вечер доаѓала на чешмата која се наоѓала во пространата долина источно од градот.

Една вечер кога Дојрана отишла по вода со своите другарки, кај чешмата дошол и убавиот Лабин. Додека Дојрана и Лабин си збореле за нивните љубовни чувства, другарките на Дојрана ги наполниле бардињата и ѓумовите со ладна вода и тргнале накај дома. Дојрана и Лабин останале сами.

Се задржале подолго време. Кога увиделе дека другарките си заминале и ја оставиле сама, многу се збунила па затоа на брзина ги наполнила со вода своите бардиња и побрзала да ги стигне другарките. Било ноќ и ѝ било страв да си оди дома сама. Во тоа брзање да ги стигне своите другарки ја заборавила чешмата отворена.

Голема количина вода од чешмата течела цела ноќ па другиот ден народот со чудење гледал дека целата долина е исполнета со вода и наместо убаво тревно поле, настанало езеро.

Бидејќи Полјанци дознале дека Дојрана ја заборавила чешмата да тече цела ноќ, односно таа е виновникот што настанало езерото, тие решиле по нејзиното име да го наречат езерото- Дојранско Езеро, а градот го добива името Дојран.

Во градот имало една убава девојка што се викала Дојрана. Таа била заљубена во овчарот Лабин. Еден ден во центарот на градот се виело оро каде биле собрани сите моми и ергени. Тука била и Дојрана со Лабин. Во тој момент доаѓа Џемо, кој откако ја здогледал убавата Дојрана, ја грабнал, а Лабин тешко го ранува со сабјата. Дојрана од големата лутина и омраза кон Џемо скокнала од коњот на Џемо и се стрчала накај Лабин. Иако ранет, таа успева да го довлечка до езерото и за да не бидат заробени од Џемо, се дават во езерото. Од тој трагичен настан, езерото според легендата се нарекува по името на Дојрана, Дојранско Езеро, а градот го добил името Дојран.

*Текстот и сликите се направени од Спасе Манев на Facebook групата Патувања низ Македонија и истите се објавени со негова дозвола.

Локација

Маршал Тито 52, Стар Дојран, Македонија

Регион
  • Сè уште нема коментари
  • Додадете преглед
    Додај Место